На вработените во „Еурокомпозит“ исплатени по 22.000 денари

Вработените во „Еурокомпзит“ го добија надоместокот, а Владата работи на трајно решение, соопшти во неделата владината прес-службата според која на вработените во споменатото прилепско претпријатие им е исплатен надоместок од по 22.000 денари.

Вработените од „Еурокомпозит“ со денови наназад бараат од Владата и вицепремиерот за кономски прашања Кочо Анѓушев да го исполнат ветувањето што им го дале и да им ги исплатат двете заостанати плати, во спротивно најавуваа дека ќе кампуваат пред Владата се додека не биде исполнето нивното барање.

Министерството за внатрешни работи е задолжено од Владата да ја продолжи реализацијата на договорот со „Еурокомпзит“, да ги репрограмира обврските кон прептријатието како и да изврши авансна исплата на обврските предвидени со Договорот за изработка на производи наменети за потребите на министерството.

„Министерството за внатрешни работи ја исполни својата обврска и изврши авансна исплата, а Министерството за финансии преку трезорската сметка веднаш ги префрли парите „Еурокомпозит“, со што е обезбеден надоместок од 22.000 денари за секој од вработените“, соопшти Владата.

Во насока на трајно решавање на проблемите во фабриката АД 11 Октомври Еурокомпозит, Владата ќе обезбеди финансиски средства за изработка на финансиска и правна анализа за компанијата и ќе се разгледаат мерки и можни решенија за системско решавање на наталожените состојби од изминативе години.