Американската компанија „Amazon“ го зазеде првото место во рангирањето на најскапите брендови во светот, надминувајќи го ланскиот лидер „Apple“, објави во средата британската консултантска компанија „Brand Finance“.
„Amazon го поврати лидерството и покрај фактот што вредноста на нејзиниот бренд се намали за 15 отсто во 2022-ра, од 350,3 на 299,3 милијарди долари“, се наведува во студијата на „Brand Finance“.
Се појаснува дека намалувањето на вредноста на показателот на „моќта на брендот“ изнесува 41,2 милијарди долари, а брендот на корпорацијата загубил уште 13,7 милијарди долар во врска со „промените на надворешните фактори“, меѓутоа показателот за комерцијалните перформанси на компанијата се покажал отпорен и позитивен и со 3,9 милијарди долари, компензирал некои од загубите.
Генерално, влошувањето на рејтингот на „Amazon“ од ААА+ на ААА и намалувањето на вредноста на оваа марка се должи на фактот што потрошувачите во постковид периодот почнале покритички да ги оценуваат нејзините услуги за клиентите, оценуваат експертите на „Brand Finance“.
Покрај тоа, како што се објаснува во извештајот, американската компанија „го зголеми рокот на испорака на нарачаните производи“. Тоа доведе до намалување на подготвеноста на клиентите на овој онлајн трговец на мало да ги препорачаат неговите услуги на други луѓе. Дополнително, укинувањето на епидемиолошките ограничувања предизвикало враќање на популарноста на офлајн-купувањето, што исто така придонело за благо намалување на побарувачката на услугите на „Amazon“.
Аналитичарите во „Brand Financ“, исто така, појаснуваат дека вредноста на брендот на минатогодишниот лидер американскиот технолошки гигант „Apple“, познат по своите паметни телефони од серијата iPhone и другите уреди што работат на оперативниот систем iOS, се намалила за 16 отсто. Имено во анализираниот период вредноста на оваа американска корпорација се намалила од 355,1 на 297,6 милијарди долари.
А тоа се должи на намалувањето на прогнозираните приходи на компанијата поврзани со нарушувањето на синџирот на снабдување, главно поради строгите епидемиолошки мерки на затворање и забрана на движењето во Кина каде се големите производствени погони, како и нарушувањето на пазарот на трудот. Тоа, според британските аналитичари, ќе го „ограничи објавувањето на главните хардверски производи на Apple“.