На вториот ден од воените вежби Кина симулирала напад врз Тајван

Кинеските борбени авиони и воени бродови симулирале напади врз Тајван во неделата, додека го опкружувале островот во текот на вториот ден од големите воени вежби како одговор на состанокот на тајванската претседателка Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Меккарти, третата позиција во политичкиот врв на САД.

Кина го смета островот како дел од својата национална територија и не ги крие аспирациите за спојување па и употреба на сила доколку е потребно. Според принципот „една Кина“, кој е инаку зацртан во односите на Кина со САД, ниту една земја не треба да одржува официјални врски со Пекинг и Тајпеј во исто време. Ситуацијата околу Тајван значително ескалира по посетата на островот на почетокот на ланскиот август на тогашната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, што преставуваше отстапување на САД од долгогодишната практика на островот да не испраќа највисоки државни функционер.

Најновите кинески воени вежби во Тајванскиот теснец беа критикувани од Тајпеј а Вашингтон повика на воздржаност и порача дека „внимателно ќе ги следи акциите на Пекинг“.

Наречена „Заеднички меч“, тридневната воена операција којашто вклучува увежбување опколување на Тајван, ќе трае до понеделник, соопшти командата на источната воена областа на кинеската Народноослободителна војска.

„Малку сум загрижен, би лажел доколку кажам дека не сум. Сѐ уште сум загрижен доколку избувне војна, двете страни многу ќе патат“, рекол за AFP 73-годишниот Доналд Хо, кој во неделата утрото вежбач во парк во главниот град Тајпеј, на крајниот север на островот.

Во текот на кинеските масивни воени маневри авиони, бродови и војници се распоредени во „поморските области и воздушниот простор на Тајванскиот теснец, близу северниот и јужниот брег на островот и крај истокот на островот“, објави кинеската армија набрзо по почнувањето на вежбите.

Извештајот на кинеската државна телевизија CCTV во неделата наведува дека вежбите „симулирале заеднички прецизни напади на клучни цели на островот Тајван и околните води“ и се додава дека силите „имитирале ситуација на блиско окружување на островот“.

Во телевизискиот извештај натаму се наведува дека воздухопловните сили распоредиле десетици авиони на „летови во целелениот воздушен простор“, а копнените сили извеле вежби за „прецизни напади врз повеќе цели“.

Тајванската претседателка Цаи Инг-вен веднаш ги осуди кинеските воени вежби, откако во Калифорнија се сретна со претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Меккарти. Вети дека ќе соработува со „САД и другите земји истомисленички“ соочена со „континуираниот авторитарен експанзионизам“.

Во Вашингтон портпаролот на Стејт департментот изјави дека САД „конзистентно повикуваат на воздржаност и задржување на статус-квото“, но истакна и дека Соединетите држави „имаат доволно ресурси за

Соединетите држави намерно се двосмислени во поглед на тоа дали воено ќе го брани Тајван. САД во намерите да ги избегне острите тензии со Кина декларативно наведува дека го признава „статус-квото“ и принципот на „една Кина“, но американскиот закон го обврзува Вашингтон да му овозможи финансиски и материјално на островот „право на самоодбрана“.

 

Вежби со боева муниција

Вежбите најавени за понеделник ќе вклучуваат гаѓање со боева муниција од карпестиот брег на кинеската провинција Фиџијан, на околу 80 километри јужно од островот Матцу кој е под контрола на Тајван и 186 километри од главниот град Тајпеј.

„Овие операции служат како остро предупредување против договорите на сепаратистичките сили кои бараат ‘независност’ на Тајван и надворешните сили против нивните провокативни активности. Операциите се неопходни за зачувување на националниот суверенитет и територијалниот интегритет на Кина“, изјави портпаролот на кинеската армија Ши Јин.

Тајванското министерство за одбрана соопшти во неделата дека регистрирало девет кинески воени бродови и 58 авиони околу островот, Во саботата бил забележан ист број бродови и повеќе од 70 авиони.

Министерството соопшти дека ги следи „движењето на кинеската војска преку заедничкиот разузнавачки систем за надзор и извидување“, додавајќи дека воените авиони се откриени до 12 часот по локални време вклучително и комбинацијата на борбени авиони и бомбардери.

Бројот на навлегувањата во тајванската југозападна зона на идентификација на противвоздушната одбрана во саботата бил најголемиот забележан во еден ден од почетокот на годинава, според податоците кои ги собрала AFP.

„Комунистичката партија на Кина продолжи да ги спроведува воени вежби околу Тајванскиот теснец и до утрово континуирано испрати повеќе групи авиони.. како и бродови во таа област. Војската внимателно ја следи ситуацијата поради откривање релевантни настани и ги задолжи авионите, бродовите и копнените ракетни системи да одговорат во согласност со тоа“, соопшти кинеското министерство за одбрана во неделата.

Воените маневри започнаа неколку часа по заминувањето на францускиот претседател Емануел Макрон од Пекинг, каде што се обиде да влијае врз кинескиот претседател Кси Џипинг да помогне во завршувањето на војната во Украина со своето влијание врз Русија.

Цаи во петокот се врати на Тајван по посетата на сѐ помалиот број земји во Латинска Америка коишто одржуваат официјални дипломатски контакти со Тајпеј, во случајот стануваше збор за централноамериканските држави Белизе и Гватемала. Притоа имаше две посети на САД кои вклучуваа состаноци со Меккарти и други американски конгресмени.