На заминување Бајден на Украина ѝ испраќа пакет оружје од 725 милиони долари

Соединетите држави ќе ѝ дадат на Украина пакет оружје во вредност од 725 милиони долари, објави во понеделникот државниот секретар Ентони Блинкен, додека администрацијата на претседателот Џо Бајден во заминување се обидува да ја зајакне позицијата на властите во Киев во војната против Русија.

Помошта меѓу другото ќе вклучува и ракети „Stinger“, муниција за артилериските ракетни системи со висока подвижност (HIMARS), беспилотни летала и мини, се вели во соопштението на Блинкен.

„САД и повеќе од 50 нации се обединети за да ѝ дадат на Украина опции за одбрана од руската агресија“, се додава во изјавата на Блинкен.

Најавата претставува голем пораст во однос на неодамнешното активирање на Претседателските овластувањаза повлекување средства (PDA) од страна на Бајден, која им овозможува на САД да извлечат од сегашните резерви на оружје за да им помогнат на сојузниците во итен случај.

Со досегашните користења на овластувањата вообичаено се повлекуваа меѓу 125 и 250 милиони долари. Средствата што Бајден ги повлече со помош на PDA, веќе одобрен од Конгресот, се проценува на 4 до 5 милијарди долари и се очекува да бидат искористени за Украина пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари.

Во овој пакет оружје, првпат по неколку децении, САД извезуваат противпешадиски нагазни мини, чија употреба е контроверзна поради потенцијалната опасност за цивилите.

Договорот од Отава го забранува овој тип оружје, иако САД и Русија не се меѓу 164-те земји што го ратификуваа. Украина го стори тоа во 2005 година и беше обвинета од ОН за прекршување на своите обврски.

Иако повеќе од 160 земји потпишаа договор со кој се забранува нивната употреба, украинскиот претседател Володомир Зеленски, чија земја како и САД, не ја ратификува нивната забрана, ги бара откако Русија ја започна својата целосна инвазија на почетокот на 2022 година, обвинувајќи ги руските сили дека ги користеле на фронтот.

Американски иззвори тврдат дека наводно нагазните мини кои би можеле да бидат испратени во Украина се „непостојани“, со систем за напојување кој трае кратко, оставајќи ги наводно подоцна уредите „несмртоносни“. Тоа би значело дека, како што се тврди, за разлика од постарите нагазни мини, тие нема да останат во земјата загрозувајќи ги цивилите со години по нивната намена, меѓутоа бројни воени аналитичари се сомневаат во таквите наводи.

САД претходно ја снабдуваа Украина со мини-клејмор, кои исто така се дизајнирани да убиваат војници, но за разлика од нагазните мини се поставени над земја и може да се активираат од далечина. Вашингтон, исто така, му обезбедува и касетна муниција, вклучително и ракети и артилериски гранати, кои многу американски сојузници ги забранија поради долгорочната закана за цивилите што ја претставуваат.

Во 2020 година, Бајден го критикуваше тогашниот претседател Доналд Трамп за откажување од политиката од ерата на Барак Обама, која забрануваше пренос на противпешадиски мини на други држави, со исклучок на Јужна Кореја. Бајден тогаш промената ја нарече промената „непромислена“ и го врати ограничувањето откако дојде на власт, но на заминување од функцијата сега повторно посегна по ова оружје.