Набљудување на птици во Зоолошка

Во Зоолошката градина во Скопје, во недела од 10 часот Македонското еколошко друштво организира набљудување на птиците по повод Европскиот ден на набљудување на птиците.

Целта на настанот е преку забава и дружење, да се едуцираат граѓаните, а пред сѐ најмладите, за значењето на птиците. Посетителите ќе имаат можност да се вклучат во активностите на волонтерите, да набљудуваат птици, да учествуваат во квизови и наградни игри, како и да дознаат интересни факти за птиците.

Набљудувањето на птици е рекреативна активност што се прави со голо око или со помош на двоглед или телескоп. Таа започнала да се прави уште во 18. век, а денес е многу популарна низ целиот свет. Настанот оваа година се организира во 37 држави, од страна на националните партнери на BirdLife International, кои ги канат сите љубители на птиците и оние кои сакаат да научат нешто повеќе за нив, да се придружат во одбележувањето на Европскиот ден за набљудување на птици.

Минатата година околу 65.000 луѓе набљудуваа птици во 34 држави, во текот на еден викенд.