Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал Херзи Халеви, во вторникот поднесе оставка, наведувајќи ја својата „одговорност“ за „безбедносните пропусти на 7 октомври 2023 година“, кога припадници на палестинските милитантни групи предводени од движењето Хамас извршија напад без преседан во организираноста и бруталноста во јужен Израел навлегувајќи во израелските воени бази, населби и градови, при што убија 1.200 луѓе од кои над 300 припадници на израелските вооружени безбедносни формации и земаа 250 луѓе како заложници.
Во писмото со оставката Халеви призна дека армијата под негова команда „не успеала во својата мисија да ја брани државата Израел“.
„Признавајќи ја мојата одговорност за неуспесите на војската на 7-ми октомври и во време кога војската бележи значајни успеси на сите фронтови и е во тек нов договор за ослободување на заложниците, барам да бидам ослободен од мојата должност на 6-ти март 2025 година“, вели генералот Халеви во својата оставка.
Педесет иседумгодишниот Халеви, кој е началник на Генералштабот на вооружените сили од декември 2022 година, напиша дека „во текот на 40 години, неговата мисија да ја заштити државата Израел е мисија на неговиот живот“.
„Но, рано наутро на 7-ми октомври, армијата под моја команда не успеа да ги одбрани израелските граѓани. Од тогаш секојдневно ме следи мојата одговорност за тој страшен неуспех и ќе ме следи до крајот на мојот живот“, додаде Халеви.
Армијата најави и оставка на воениот командант за јужниот регион, генерал Јарон Финкелман.
Шефот на разузнавачката служба, генерал Арон Халива, поднесе оставка во април 2024 година.