Национална федерација на фармери: Производната цена на грозјето зголемена за 25% ги поставува лозарите во подобра позиција

Денеска Националната федерација на фармери за претстојниот откуп за винско грозје излезе со став по покачувањето на откупната цена за 25%.

-Националната федерација на фармери во изминативе две години активно лобираше за донесување на измени во Законот за вино. Нашите препораки беа делумно прифатени, што резултираше со усвојување на нашата заложба за пресметка на производната цена на винските сорти „Смедеревка“ и „Вранец“ од страна на научна институција. Со ова, најниската откупна цена од оваа година ќе биде 25% повисока од производната цена, и сметаме дека оваа пракса треба да продолжи, пишува во соопштението.

Националната федерација на фармери потенцира дека ваквиот пристап кон решавање на долгогодишните проблеми во секторот лозарство ги поставува лозарите во подобра позиција, намалувајќи ги манипулациите од страна на откупувачите.

-Со овој системски пристап, продажната цена на грозјето е зголемена, што резултираше со зголемување на откупните цени на „Смедеревка“ и „Вранец“ оваа година. Минатата година таа изнесуваше 13-12 денари по кг предадена „Смедеревка“ и 15-17 денари по кг. предаден „Вранец“, а изминатите години беше уште пониска, така што оваа година цената за Смедеревка изнесува 18,3 денари по кг и 20,8 денари по кг за „Вранец“ доколку шеќерните единици изнесуваат 17 за Смедеревка и 19 за Вранец, кои се најниски шеќерни единици за откуп на грозјето, наведуваат од Националната федерација на фармери.