Нацрт-резолуција на СЗО: Израел мора да ги почитува хуманитарните обврски

Нацрт-резолуцијата поднесена од 17 земји и Палестина до Светската здравствена организација (СЗО – WHO) го повикува Израел целосно да ја почитува својата обврска да го заштити медицинскиот и хуманитарниот персонал во Појасот Газа, кој е бомбардиран од израелската армија.

Текстот на резолуцијата треба да биде разгледан на посебна седница на извршниот комитет на Светската здравствена организација во недела, свикана за да се разговара за ситуацијата на окупираните палестински територии, што ги вклучува енклавата Западниот брег и источен Ерусалим.

Нацрт-резолуцијата е предложена од Алжир, Саудиска Арабија, Боливија, Кина, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Индонезија, Ирак, Јордан, Либан, Малезија, Мароко, Пакистан, Палестина, Катар, Тунис, Турција и Јемен.

„Извршниот комитет е загрижен за катастрофалната хуманитарна ситуација што владее на окупираната палестинска територија, вклучително и источен Ерусалим, а особено за воените операции што се спроведуваат во Појасот Газа“, се вели во преамбулата на нацрт-резолуцијата.

Во текстот се изразува загриженост за опсадата и обемот на „штетите предизвикани на јавниот здравствен сектор“ и се предупредува на ризиците по јавното здравје, хигиенските услови и преполните засолништа.

Откако во 2006 година воведе целосна блокада од копно, воздух и море на палестинската енклава, сега Израел ја држи под целосна воена опсада палестинската територија од 9-ти октомври, два дена по нападот на Хамас врз Израел во кој според израелските власти беа убиени 1.200 луѓе, од кои над 300 израелски војници, а околу 240 заложници беа одведени во Газа. Во израелските воени дејствија досега во малата територија Појасот Газа со 2,4 милиони жители досега се убиени повеќе од 17.000 луѓе, од кои речиси три четвртини се деца и жени.

Во нацрт-резолуцијата не се споменува нападот на исламистичкото движење. Меѓу другото, во нацрт-резолуцијата се наведува дека од „окупаторската власт“ се бара „да гарантира дека ќе го почитува и штити медицинскиот персонал и хуманитарните работници, нивните транспортни средства и материјал, како и болниците и другите медицински установи“.

Извршниот комитет на СЗО се состои од 34 земји-членки и игра важна улога во спроведувањето на одлуките на Светското здравствено собрание.