Над 1.500 антисемитски дела во Франција од 7-ми октомври

Вкупно 1.518 антисемитски дела и изјави се регистрирани во Франција од почетокот на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас на 7-ми октомври, изјави во вторникот францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен.

Бројката е трипати поголема отколку во целата 2022 година, кога беа забележани 436 антисемитски дела и изјави. Поради ова приведени се 571 лице, дознава AFP од извори блиски на министерот.

„Има и дополнителни антимуслимански дела, но не толку колку што се антисемитски“, изјави министерот за радиото Europe 1. „Постојат џамии кои добиваат писма со смртни закани, закани за напади, бројни антиисламски изјави, вклучително и на телевизија“, рече Дерманен.

Од 7-ми октомври досега се отворени 330 истраги поради антисемитски дејствија и оправдување на тероризмот, дознава AFP од Министерството за правда.

Имамот на Големата џамија во Париз, Абделали Мамун, изјави за радио RMS дека би сакал да знае кои конкретни антисемитски дејствија биле извршени за муслиманите да можат да се солидаризираат со Евреите во Франција. „Само бројките не се доволни“, рече тој.

Во неделата, речиси 180.000 луѓе се собраа на протестите против антисемитизмот во Франција, од кои 105.000 во Париз.

Франција ја има најголемата еврејска заедница во Европа, која по големото иселување од крвавите напади во првата половина од 2010 години се сведе како што се проценува на половина милион, и неколку милиони муслимани.