Над 1.700 уапсени во операција на Интерпол во Азија

Повеќе од 1.700 лица се уапсени во десет азиски земји во рамките на опсежна операција против шверцот на нелегално огнено оружје, соопшти во петокот во Лион меѓународната полициска организација Интерпол.

Повеќе од 700 парчиња оружје, неколку стотици делови за оружја и повеќе од 45.000 парчиња муниција се запленети во првата комбинирана операција на Интерпол во Азија, наречена Операција „Ороз-Плотун 2“ (Trigger-Salvo II).

Целта на операцијата спроведена меѓу 13-ти и 24-ти ноември е да се прекине прекуграничното движење на огненото оружје и да се утврдат врските меѓу терористите, транснационалните организирани криминални групи и криумчарите на оружје.

Бидејќи е евтин и лесен за сокривање и транспорт, малото огнено оружје стана стандардна опрема за таквите актери во Централна, Јужна и Источна Азија, наведуваат од Интерпол.

Ова било забележано во Пакистан, каде што биле пронајдени неколку стотици огнено оружје со делови и муниција, најмногу во провинциите што граничат со Авганистан.

Откритието довело до 614 апсења, нови истраги и поголем увид во рутите што ги користат камионите од Авганистан за транспорт на оружје и муниција во Пакистан, според Интерпол.