Над 10.000 активни случаи на Covid-19, од нив 64 проценти се во три града Скопје, Тетово и Гостивар

Бројот на активни случаи на Covid-19 во земјаva изнесува 10.380, од кои над половина или 5.562 се регистрирани само во последните пет дена. Една третина од активните случаи се во Скопје – 3.421, додека над 64 проценти се само во три града – Скопје, Тетово и Гостивар.

Болниците во Тетово и Гостивар се преоптоварени, а секој пациент на кој што му е потребно болничко место, по претходна најава се праќа во Скопје. Болничките капацитети се делумно оптоварени и во Кичево и Струга.

Граѓаните мора да знаат дека додека сите не се вакцинираме, ова нема да престане и тоа е единствениот спас, укажа вчера министерот за здрваство Венко Филипче, и ги повика граѓаните да се вакцинираат, повторувајќи дека вакцини има од сите типови и во доволно количини.

Над 650 илјади граѓани досега примиле барем една доза вакцина, а поради зголемениот интерес за вакцинирање, од следната недела повторно се отвора пунктот во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Само во периодот од 17 до 21 август починати се вкупно 94 лица, додека последен пат без починат пациент е 3 август.

Според епидемиолошки анализи во моментов, дистрибуцијата по градови е следна: Скопје – 3421 активен случај, потоа следат Тетово – 1.754, Гостивар – 1.518, Куманово – 656, Кичево – 524, Струмица – 481, Струга – 308, Охрид – 284, Битола – 187, Дебар – 173, Прилеп – 141, Штип – 109, Велес – 107, Кавадарци – 102, Кочани – 88, Ресен – 83, Радовиш – 61, Свети Николе и Берово – по 52, Гевгелија – 40, Македонски Брод – 37, Валандово – 35, Кратово – 34, Виница – 33, Делчево – 22, Пробиштип – 13, Богданци – 12, Крива Паланка и Пехчево – по 10, Неготино – девет, Демир Хисар – осум, Крушево – шест, Македонска Каменица – пет, Демир Капија – три и Дојран – два активни случаи.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 167.991, бројката на оздравени пациенти е 151.957, на починати е 5.654, а бројот на активни случаи изнесува 10.380. Досега во земјата се направени вкупно 1.101.838 тестирања.