![tutung0](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/10/tutung0.jpg?resize=640%2C422&ssl=1)
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека деветте откупувачи на тутун заклучно со вчера откупиле вкупно 10.047 тони тутун.
Просечна откупна цена изнесува 186 денари по килограм, а кај одредени откупувачи е и над 190 денари.
Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, чии претставници секојдневно се на терен и го следат текот на откупот, исплатата во актуелната реколта е реализирана со 76 отсто или досега се исплатени 23,3 милиони евра.
Откупот, како што се наведува во соопштението, се врши на вкупно 186 ваги на 152 откупни места, а динамиката тече без проблем и според договорите меѓу тутунопроизводителите и откупувачите.
Инаку, според сегашната проценка, во реколта 2015 се очекува да бидат откупени над 20.000 тони тутун.