Над 12.000 бегалци заглавени во Грција

Над 12.000 бегалци и мигранти се заглавени во Грција, а официјална Атина отпочна со дипломатска акција за да се справи со ограничувањата на север што го предизвикуваат застојот, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Грчката влада упати демарш до Австрија поради одлуката да се ограничи бројот на азилобаратели, како и бројот на мигранти што може да транзитираат низ нејзината територија.

Коѕијас: Исклучувањето на Грција од конференцијата во Виена е непријателски чин

На денешната конференција за балканската мигрантска рута, како што пишува весникот, Грција не е поканета.

Исклучувањето на нашата земја од овој состанок го гледаме како непријателски чин затоа што дава впечаток дека некои, во наше отсуство ќе носат одлуки со кои што ние директно сме засегнати, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

Како што пишува весникот, ограничувањата на Австрија предизвикаа домино ефект врз останатите земји на балканската рута, а особено на грчко-македонската граница.

Се зголемува и бројот на мигранти што доаѓаат на грчките острови. Околу 1.400 лица биле спасени од страна на крајбрежната стража на островот Лезбоз, околу 1.200 лица се во Хиос и околу 1.300 пристигнале на фериботи во Пиреја.