Во текот на септември тетовската сообраќајна полиција евидентира санкции за 1236 сообраќајни прекршоци, а од нив 163 возачи по разни основи биле исклучени од сообраќај. Служеници при Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово казните ги имаат изречено на поширокото тетовско подрачје.
„Од 163 исклучени од сообраќај 121 лице се поради тоа што управувале возила без возачка дозвола, двајца кои биле под дејство на алкохол, 35 возачи-почетници, 1 со важечка забрана за управување и 4 со несоодветна категорија. Поради констатирани различни видови прекршоци, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила, од сообраќај биле исклучени 85 возила, од кои 78 со истечена регистрација до и над 30 дена и 7 технички неисправни“, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Во септември вкупно биле подигнати и 243 погрешно, односно непрописно паркирани возила.