Во Македонија од почетокот на епидемијата на коронавирусот регистрирани се повеќе од 180.000 случаи на заразата а бројот на активни случаи надмина 15.000.
Повторно голем број починати лица беа регистрирани во текот на неделата, вкупно 21 кај пациенти на возраст од 49 до 94 години. Од направени 5.416 тестирањe, во претходното деноноќие регистрирани се 459 нови случаи, а оздравеа 368 пациенти.
Во Скопје, Тетово, Гостивар и Куманово има најмногу активни случаи на Ковид-19, а со најмалку активни случаи се Демир Капија, Дојран и Пехчево.
Над 80 проценти од пациентите кои се заразиле со Covid-19 се невакцинирани. Во болниците најголем дел од пациентите се исто така оние кои не примиле вакцина против вирусот. Според надлежните единствен спас за излез од пандемијата е луѓето да се вакцинираат.
Третатаббустер доза од вакцината, како што изјави во саботата министерот за здравство Венко Филипче, сериозно го намалува ризикот од тешка форма на болеста и според студиите 20 пати го намалува ризикот од смртен исход. Тоа, смета тој, треба да е мотивација за граѓаните.
„Огромен процент од новодијагностицирани пациенти, 80 и неколку проценти и од тие коишто се во болница се невакцинирани, што значи дека тоа е проблемот не само кај нас, туку насекаде. Разговараме и со колегите во регионот, секаде болниците се оптоварени со невакцинирани пациенти“, рече Филипче.
Веројатно, според него, ќе има нови соеви и мутации на вирусот. Меѓутоа, како што додава, вакцината е таа која што штити, го намалува ризикот од смртен ризик неколкукратно или од тешка форма на болеста. Тоа, вели Филипче, е начин ние да ги вратиме животите во нормала.
„Овој тип вирус има тенденција да мутира во различни делови. Сѐ уште е рано да се кажат карактеристиките на овој најнов сој на вирусот. Ги чекаме научните сознанија. Она што досега се знае за досегашните соеви на вируси е дека важат истите принципи вакцинацијата и општите превентивни мерки, рече Филипче.
Во моментов има доволно вакцини во земјава – околу 300 илјади дози се на располагање, 115 илјади дози на вакцини од „AstraZenecaа“, 110 илјади „Pfizer/NioNTech“ и 100 илјади дози од „Sinovac“. Kонтинуирана количина што доаѓа од 30 до 40 илјади секој понеделник или вторник од компанијата „Pfizerр“.
Околу девет проценти од смртните случаи, како што информира Филипче, се вакцинирани, меѓутоа тоа се пациенти кои имаат тешка состојба, сериозни коморбидитети и иако се лекувани по сите стандарди за жал не може да се помогне.
Околу смртноста на млади лица, Филипче рече дека тоа е нешто на што посебно се обрнува внимание, но, како што вели, за жал, се невакцинирани лица. Додаде дека засега нема потреба да се активираат дополнителни одделенија на интерните клиники, иако се спремни.