Најмалку 152 луѓе ги загубиле животите а уште 35 се водат како исчезнати во тропската бура Налџи која погоди 4,12 милиони жители на Филипини, објави во петокот Националниот совет за предупредување од ризици и справување природни катастрофи.
Според оваа агенција, 1,03 милиони раселени лица се сместени во 1.186 центри за евакуација. Повеќе од 355.400 претходно ги напуштиле своите домови. До петокот пријавени се 128 повредени лица, а 35 се исчезнати.
Во 13-те филипински региони регистрирани се 1.510 инциденти, како поплави и лизгање на земјиштето, како последици на налетот на тропската бура.
Во невремето оштетени се 22.400 куќи а уништени од поплавите и свлечиштата се уште 2.620 домови. Штетата на 391 објект од инфраструктурата се проценува на 49,63 милиони американски долари. Притоа се наведува дека како последици на стихијата оштетени се 504 патишта и 120 мостови.
Штетите во земјоделството, пак, се проценети на 46,79 милиони долари.
Во 359 градови и населени места регистрирани се прекини во снабдувањето со електрична енергија, но во 234 места снабдувањето веќе е обновено, 38 региони имаат проблеми со комуникациските врски а 11 со водоснабдувањето, се наведува во извештајот. Наставата е прекината во 666 образовни институции, а вонредна состојба е воведена во 437 градови и места.
Бурата ги погоди Филипини во саботата, а веќе го одмина архипелагот. Меѓутоа, нова тропска бура се движи кон источниот брег на земјата и очекува дека ќе донесе повеќе дождови. Филипинскиот архипелаг секоја година е погоден од 20 тропски бури.