Мора да се размислува за дополнително зголемување на пензиите, особено за 170.000 пензионери чиишто месечни примања се под просекот и кај нив покачувањето за овој месец ќе биде помалку од 100 денари, вели претседателот на Сојузот на здружението на пензионерите, Драги Аргировски.
Триста илјади пензионери се на удар на економските политики на Владата. Тие на крајот на месецов ќе ги земат пензиите со најавеното покачување од само еден отсто или 180 денари месечно. Од новата Влада тие очекувале повеќе, бидејќи во предизборната кампања СДСМ ветуваше достоинствен живот за постарите граѓани. Со минатогодишните зголемувања на пензиите од 600-ини денари успевале да ги покријат трошоците за сметки, лекови и храна, сега стравуваат како ќе го поминат месецот.
Од Сојузот на здружението на пензионерите велат дека мора да се размислува за дополнително зголемување на пензиите, особено за 170.000 пензионери чии месечни примања се под просекот. Кај нив зголемивањето за овој месец ќе биде помалку од 100 денари, вели претседателот Аргировски.
„Во овој случај, со најмала пензија 8.500 денари ќе земе само 80 денари, а ако земал 640 денари значи дека губи околу 500 денари. Значи со други зборови, треба да се размислува како да им помогнеме на тие што имаат помали пензии“, вели Аргировски.
Во изминатите десет години, најниската пензија се зголеми за 105 проценти и истата од 4.330 денари во 2006 година, скокна на 8.895 денари во декември 2016 година. Додека просечната пензија која во 2006 година изнесуваше 7.684 денари, на крајот од 2016 година стигна до 13.754 денари, што е зголемување за 79 отсто.