Над 20 кандидати на конкурсот за членови на Комисијата за верификација на факти

На конкурсот за членови на Комисијата за верификација на факти во Собранието досега пристигнале 20-тина кандидатури.

„Во кандидатите има адвокати, поранешни пратеници, професори, новинари, публицисти. Квалитативно, според она што го видов можам да изразам само задоволство„, изјави претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски.

На конкурсот, како што рече тој, се пријавени речиси сите досегашни членови на лустрациската комисија.

„Процесот на избор на членови на лустрациска се врши во Собрание. Има двостепеност, првото гласање е со двотретинско мнозинство, а второто е со обично мнозинство. Тоа значи дека релеватни фактори во изборот на Комисијата за лустрација се партиите кои имаат своја застапеност во Собранието“, изјави Димовски, додавајќи дека повеќе би инсистирал на квалитет при изборот отколку на која партија припаѓа.

Квалитетот на луѓето, како што рече тој, кои сами се пријавиле да членуваат во оваа Комисија е исклучителен и мислам дека партиите треба да најдат начин да ги изберат најквалитетните кандидати.

„Во однос на одредени соодноси, поканата од моја страна како претседател на Комисијата за изборите и именувањата е до сите партии. Денеска почнав начелни консултации со дел од партиите, дел од парламентарното мнозинство и опозицијата и мојот апел е до сите да бидат вклучени во овој процес“, истакна тој.

Вклученоста на сите политички партии, како што нагласи Димовски, ќе гарантира подобар процес, исклучувањето на одредени партии сами по своја волја може само да нарушуваат процес и да фрлаат сенка врз него.