Автобуската несреќа, во која повеќе од 20 лица се повредени во четвртокот вечерта во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија, се случила затоа што на возачот можеби му се слошило, соопшти германската полиција.
Автобус кој превезувал група средношколци излетал од патот и се превртел на враќање од патување во Англија.
Автобусот бил отстранет од местото на несреќата во петокот наутро, а автопатот А44 каде се случила несреќата е повторно отворен, соопшти полицијата.
Автобусот, во кој имало 60 патници, очигледно свртел десно од автопатот А44, удрил во заштитна ограда и паднал во насип и се превртел. Во несреќата не учествувале други возила, соопшти полицијата.
Во незгодата возачот наводно не се здобил со надворешни повреди, иако шофершајбната на автобусот е уништена. Немало знаци за употреба на алкохол или дрога, изјави портпаролот на полицијата.
Тоа е втора автобуска несреќа во Германија за само два дена. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.