Британските безбедносни служби испитуваат повеќе од 200 британски научници осомничени дека на Кина и доставувале класифицирани информации за најновите оружја, соопшти „Тајмс“, повикувајќи се на добро информиран извор.
Според весникот, научниците се осомничени за кршење на „строгите извозни ограничувања, што имаат за цел спречување на трансферот на интелектуална сопственост“ во стратешки важните области кон непријателските земји.
Според изворот, цитиран од „Тајмс“, британската Влада се подготвува да испрати известувања до повеќе од 200 британски граѓани кои работат во повеќе од десетина универзитети во Велика Британија. Тие се осомничени дека на Кина и ги предале резултатите од тајното истражување на најсовремената воена технологија поврзана со авиони, ракетен дизајн и кибер оружје. Голем дел од научниците, кои се под истрага, се осомничени дека ненамерно го прекршиле законот склучувајќи трговски зделки со кинески компании.
– Во блиска иднина ќе можеме да видиме десетици научници како стојат пред судиите – изјави изворот за „Тајмс“.
Доколку се докаже дека се виновни научниците можат да добијат затворска казна до 10 години, потсетува весникот.
– Извозниците на воена опрема и оние кои се вклучени во трансферот на воена технологија, наведени во Уредбата за контрола на извозот од 2008 година, мораат да имаат дозвола за извоз или трансфер на технологии од Велика Британија – изјави претставник на британската Влада.