Над 200 деца дневно се прегледуваат во Институтот за белодробни заболувања- Козле

Во текот на есенските и зимските месеци загадувањето во главниот град е зголемено за разлика од останатите месеци во годината. Аерозагадувањето е една од главните причини за појавување на вируси кај децата.

Директорот за Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, д-р Оливер Зафировски, вели дека смогот, маглата, но и самата местоположба на Скопје, се едни од причините за вирусни инфекции кај децата. Тој за НетПрес објаснува кои се главните причинители за вирусни заболувања кај децата, но и кои се превентивните мерки кои родителите треба да ги преземат.

„Во зимскиот период има поголем број на вируси кои се основната причина која доведува децата да ја посетат нашата институција. Аерозагадувањето, зголемената количина на токсичните материи во воздухот допринесува нежниот детски организам да биде аксибилен за вирусите. Секое аерозагадување влегува во нивните дишни патишта и тоа доведува до оштетување на епителот на дишното стебло. Затоа секој од нас треба да води сметка да се намали аерозагадувањето“, вели д-р Зафировски.

Тој додава дека во моментов дневно во Институтот има и по 200 прегледи и апелира до матичните лекари во Институтот да ги препраќаат само потешките случаи бидејќи бројката на легла е ограничена.

„Во тек е изграбата на новата болница, имаме ограничен капацитет за само 45 легла и 6о дневни прегледи. Во моментов имаме хоспитализирано 100 деца и сите тие се лекуваат според потребните протоколи, но водиме сметка да ја намалиме оваа бројка бидејќи физични немаме простор каде да ги сместиме болните. Затоа апелирам до матичните лекари, само потешките случаи да ги испраќаат во Институтот“, додава д-р Зафировски.

Инаку новата болница на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, е во крајна фаза на изградба и наскоро се очекува таа да биде пуштена во употреба. Институтот е првата болница која од осамостојувањето на Република Македонија од темел се гради нова.