Над 25.000 граѓани за три часа ја потпишаа иницијативата за поништување на Законот за попис

Над 25.000 граѓани за три часа му кажаа НЕ на премиерот Зоран Заев за фалсификат попис. На над 300 пунктови во државата граѓаните масовно излегоа и без страв го кажаа својот став. Граѓаните му ја упатија пораката на Заев, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку Зоран Заев има барем малку доблест по денешната порака која му ја упатија граѓаните, ќе го повлече Законот за попис. Народот јасно кажа дека не е предмет за политички поткусурувања. Народот не е на пазар за некој со него да подмирува сметки. Тоа што Заев го договорил како коалициски договор, нека најде друг начин да си го подмири. Пописот не смее да биде политичка, туку статистичка операција“, се наведува во соопштението.

Од партијата велат дека Заев има можност да ја прифати подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ и да организира електронски попис.

„Само така ќе се добие реална слика за бројот на населението, густината, верската, етничката и друг вид на припадност. Со спроведување на електронски попис државата ќе има јасни податоци врз основа на кои ќе може да се прават среднорочни и долгорочни стратегии. Заев веднаш да се откаже од фалсификат попис. Народот ја испрати пораката“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.