Британскиот мултинационален производител на стоки за широка потрошувачка „Unilever“ планира да укине нешто повеќе од три илјади работни места во канцелариите во Европа до крајот на следната година, потврди портпаролот на медиумите.
„Во следните неколку седмици ќе иницираме процес на консултации со вработените кои може да бидат засегнати од предложените промени“, изјави портпаролот на „Unilever“.
Компанијата во средата ги информираше своите директори дека ќе укине дури 3.200 работни места во Европа до крајот на 2025 година, покажаа деталите од телеконференцијата.
Лондонскиот деловен весник Financial Times беше првиот што ја објави информацијата, известувајќи дека работните места треба да бидат укинати главно во канцелариите во Лондон и Ротердам.
Укинувањето на работните места е составен дел од програмата за подобрување на продуктивноста објавена во март, која предвидуваше дури 7.500 отпуштања.
„Очекуваниот нето ефект врз работните места во Европа од сега до крајот на 2025 година е во опсег од 3.000 до 3.200 работни места“, рече главниот директор за човечки ресурси Константина Трибу.
„Мерките подразбираат најобемни кратења на работните места во Унилевер во последните децении“, нагласи шефот на работничкиот совет во европското работење на „Unilever“, Херман Согеберг, во писмото до работниците.
Називот „Програма за продуктивност“ е целосно несоодветно бидејќи луѓето кои работеле и биле продуктивни ќе останат без плата, додаде Согеберг.
Извршниот директор Хајн Шумахер во октомври ги претстави плановите кои треба да ја вратат довербата на инвеститорите со рационализирање на операциите по недоволното работење во последниве години. Заедно со отпуштањата, тој најави и раздвојување на бизнисот со сладолед, забележува Reuters.