Во објектите на детската градинка „Весели Цветови“ во Oпштина Кисела Вода се инвестирани повеќе од 3.5 милиони денари во енергетско-ефикасни прозорци, постелини, совремeна кујнска опрема, дидактички материјали и играчки. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски при денешната посета на објектот „Сончоглед”, истакна дека инвестирањето во унапредувањето на условите за децата и поттикнувањето на нивниот когнитивен развој се стратегија која Општина Кисела Вода ја има зацртано и која во континуитет ќе се реализира и во периодот што следува.
-Инвестициите во раниот детски развој кои овозможуваат поттикување на интелектуалните способности, кои го стимулираат логичкото мислење и ја подобруваат моториката се неопходност која е влог во интелектуалниот, општествениот и емоционалниот напредок на децата. Оттука, Општина Кисела Вода, и јас како нејзин градоначалник, продолжува со уште поголем интензитет да работи на унапредување на условите за децата од предучилишна возраст. Денес, објектите на ЈДГ „Весели Цветови” ги опремивме со играчки и дидактички материјали. Обезбедивме и нови постелини и кујнска опрема, а паралелно, правиме и инфраструктурни подобрувања секаде каде што има потреба. Имено, објектот „Сончоглед” во кој денес се наоѓаме, добива и нови енергетско-ефикасни прозорци, а вакви зафати, кои на директен начин влијаат на подобрување на квалитетот на предучилишното воспитание и образование, се планирани и во другите градинки на територија на Општина Кисела Вода. Јавниот систем на воспитување и едукација треба да се гради на високи стандарди, нешто што предучилишните институции кои се под надлежност на општина Кисела Вода секако ќе им го овозможат на нашите најмлади жители-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.