Над 30 милиони денари се одвоени од касата на Град Скопје за реконструкција на средните училишта на подрачјето на градот.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, го посети средното училиште на Град Скопје „ Здравко Цветковски“ каде што во текот на летниов распуст се врши замена на азбесниот покрив на училишната зграда и надворешната фискултурна сала, се менува оштетениот паркет и се реконструираат гардеробите и санирарните јазли во спортската сала.
– За да се подобрат условите во кои учат средношколците, Градот Скопје и оваа година, во текот на летниот распуст, ги реконструира објектите на средните училишта што се во негова надлежност. Ова лето градежни работи се изведуваат во девет средни училишта, а Град Скопје за реализација на овој проект од буџетот издвои околу 31,3 милони денари, рече градоначалникот.
Како што информираше, во моментов се работи на реконструкција на девет средни училишта.
Во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ се заменуваат прозорците; во СУГС „Цветан Димов“ се заменува столаријата и се обновуваат подовите во училишниот објект; во СУГС „Панче Арсовски“ се реконструираат фасадата и покривот; во СУГС „Орце Николов“ се работи на реконструкција на прозорците; во СУГС „Никола Карев“ се врши санирање на покривот; во СУГС „Владо Тасевски“ се реконструираат санитарните јазли; во СУГС „Браќа Миладиновци“ и СУГС „Арсени Јовков“ се работи на реконструкција на дворната површина на училиштето; Во СУГС „Здравко Цветковски“, се работи на замена на азбесниот покрив на училишниот објект и на надворешната фискултурна сала со површина од околу 8 000 квадратни метри, како и замена на паркетот и реконструкција на гардеробите и санирарните јазли во спортската сала.
– Градежните работи кои се во тек во овие 9 училишта треба да завршат до почетокот на новата учебна година. Во текот на изминатите години, односно од 2009 година до 2015 година, Градот Скопје за реконструкција и санација на средните училишта од Буџетот има издвоено околу 226 милиони денари, и со тоа придонесовме за подобрување на условите за работа и на учениците и на наставниот кадар, истакна градоначалникот Трајановски.
Директорката на СУГС „Здравко Цветковски“, Драгица Костадиновска, нагласи дека и претходните години се извршувале многубројни градежни зафати во училиштето, но дека замената на азбесниот покрив е најголем досега и потенцираше дека оваа замена ќе ги подобри условите за работа во училиштето.
Со замената на азбесниот покрив на СУГС „Здравко Цветковски“ се завршува еден од капиталните проекти на Градот Скопје, да се исполнат стандардите за енергетска ефикасност и да се подобрат условите за работа во училишните објекти. Досега азбесните покриви се заменети на СУГС Георги Димитров, СУГС Раде Јовчевски Корчагин, СУГС Арсение Јовков, СУГС Владо Тасевски, СУГС 8-ми Септември, СУГС Јосип Броз Тито, СУГС Цветан Димов и СУГС Михајло Пупин.