Над 30 проценти од семејствата во земјава се брачни двојки без деца, покажа последниот попис

Во земјава има вкупно 538.348 семејства, од кои 62 процента живеат во урбана, а 38 проценти во рурална средина. Според семејниот состав, најмногу или 43 проценти од нив се брачни двојки со најмалку едно дете под 25 години што живее со нив, додека 31 процент се двојки без деца, покажува четвртиот сет на податоци од Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021, објавен денеска од Државниот завод за статистика.

Над 26 илјади семејства или 4,9 проценти од семејствата се сама мајка со најмалку едно дете под 25 години, а над девет илјади семејства или 1,7 проценти се сам татко со најмалку едно дете под 25 години.

Над десет проценти или околу 58 илјади семејства се брачни двојки со најмладо дете на 25 години или постаро што живеe со нив.

Вкупниот бројот на индивидуалните домаќинства изнесува 598.632, а просечниот број на членови во домаќинствата изнесува 3.1.

Според бројот на членови во индивидуалните домаќинства, 468.336 лица или 25,5 проценти живеат во четиричлени домаќинства, додека бројот на лица во самечки домаќинства изнесува 103.237 или 5,6 проценти.

Бројот на населените станови во земјава, според податоците од Пописот 2021 изнесува 531.987 или 63,4 проценти од вкупниот број на станови.