Вкупно 337 деца питачи се евидентирани на улица, од нив само девет не се од ромска етничка припадност, покажува последното истражување на Канцеларијата на Народниот правобранител.
– Насекаде во Македонија има деца на улица, а бројката што ние сме ја забележале секојдневно се менува. Кога е направено нашето истражување евидентирани се 337 деца на улица. Најголем број на деца питачи има во Скопје и во Прилеп -изјави денеска народниот правобранител Иџет Мемети одговарајќи на новинарско прашање на маргините на Конференцијата за инклузијата на Ромите по завршувањето на ромската декада.
Во однос на возраста на децата кои питачат на улица, како што рече тој, има деца од сите возрасни групи, од бебиња кои не наполниле ниту една година и деца со ненавршено полнолетство.
– Ние секогаш алармираме за ваквите лоши состојби и бараме властите да преземат не само ат хок мерки, туку системски да се решаваат проблемите. Ако не се решаваат проблемите во образованието, вработувањето, здравството и домувањето, тешко дека можеме да се справиме со сите други проблеми со кои се соочуваат сите деца на улица, но секако посебно децата од ромската заедница – вели Мемети.
Во контекст на тоа, народниот правобранител додава дека е жално што никој во нашето општество, во ниту една институција нема точни податоци во однос на децата на улица.
– Дури и мерките што ги преземаат властите се интервентни. Проблемот е посистемски и како процес треба да се решава. Ние сфаќаме дека не може се одеднаш, бидејќи процесот бара базични и многу содржајни проекти, но секако без средства тоа не може да се реализира – рече Мемети.