Над 40 лица се повредени во протестите во Подгорица. Црногорската полиција синоќа употреби солзавец врз приврзаниците на опозицијата, кои се собраа да побараат оставка од Владата на премиерот Мило Ѓукановиќ, пренесоа американските медиуми.
Демонстраните се обидоа да упаднат во зградата на Парламентот, фрлајќи врз полициските кордони со молотови коктели и шишиња. Полицијата одговори со солзавец и флеш гранати. Демонстрантите беа потиснати во споредните улици околу Парламентот, каде се искршени неколку стакла на прозорци и излози на продавници.
Министерот за внатрешни работи Рашко Коњевиќ потврди дека се употребени доволно средства потребни за во најкраток рок да се воспостават ред и мир.
Според податоците на Граѓанската алијанса, 20 полицајци и 27 граѓани се повредени и побарале медицинска помош во текот на синоќешните протести во Подгорица, на кои граѓаните побараа оставка од премиерот Мило Ѓукановиќ, формирање на преодна влада и распишување избори.
Меѓу приведените се Андрија Мандиќ, лидер на Новите српски демократи и еден од лидерите на опозицискиот Демократски фронт, како опозицискиот пратеник Славен Радуновиќ.
Коневиќ изјави дека има и други уапсени, а обвинителството и полицијата ја анализираат ситуацијата.
Црногорската Влада веднаш синоќа на својот официјален налог на Твитер објави дека „демонстрантите брутално ја нападнале полицијата“.
„Демонстрантите се спречени во натамошните напади врз полицијата“, се наведува на официјалниот Твитер налог на Владата на Црна Гора.
Според очевидци, се слушнале и истрели, но засега не е познато кој пукал.