Повеќе од 40 отсто од јапонските компании не планираат да воведат вештачка интелигенција (AI) во нивното работење, покажа истражувањето на Reuters објавено во четвртокот, што го отсликува внимателното усвојување на новата технологија во третата по големина економија во светот.
Истражувањето било спроведено за Reuters од компанијата „Nikkei Research“ која поставила низа прашања до 506 јапонски компании. Од нив одговориле околу половината, под услов нивните имиња да не бидат спомнати. Анкетата е спроведена во периодот од 3 до 12 јули.
Околу 24 отсто од испитаниците рекле дека веќе ја вовеле вештачката интелигенција во бизнисот, а 35 отсто дека планираат да го сторат тоа. Останатите 41 отсто немаат намера да ја воведат технологијата, што покажува различни степени на усвојување на технолошките иновации во корпоративната Јапонија, заклучува Reuters.
На прашањето кои цели сакаат да ги постигнат со употреба на вештачка интелигенција, со понудени повеќе одговори, 60 отсто од испитаниците одговориле дека се обидуваат да го решат проблемот со недостигот од работници, 53 отсто од нив изјавиле дека сакаат да ги намалат трошоците за работната сила. Околу 36 отсто од испитаниците, пак, сакаат да го забрзаат истражувањето и развојот.
Меѓу пречките за воведување на вештачка интелигенција во бизнисот, менаџер во транспортна компанија ја навел „загриженоста меѓу вработените за можно намалување на бројот на вработени“.
Други бариери вклучуваат недостиг од технолошки знаења, значителни капитални расходи и сомнителна сигурност, покажа студијата.