
Од водите на Егејско Море, крај брегот на грчкиот остров Лезбос, грчките власти спасија неколку стотини мигранти, пренесоа американските медиуми.
Грчките погранични патроли и припадниците на Европската агенција за контрола на надворешните граници ФРОНТЕКС вчера од релативно мирното море, во седум одделни операции, спасиле 429 мигранти.
Грчките погранични патроли информираа и за најдено тело на удавено момче, на претпоставена возраст од две до три години. Тоа било најдено крај брегот на Лезбос, облечено и со портокалов појас за спасување, каков што вообичаено носат бегалците кои се обидуваат од Турција да се префрлат во Грција преку Егејско Море.