Над 400 пожарникари се борат со шумскиот пожар во јужна Португалија

Повеќе од 400 пожарникари со помош на девет авиони и хеликоптери го гаснеа во петокот пожарот во туристичкиот регион Моншинике, на југот од Португалија,и поради претпазливост евакуираа дел од локалното население, соопштија спасувачките служби.

Со поддршка од воздух, пожарникарите со 121 возило се справуваа со оваа огнена стихија којашто зафатила шума. Жителите на мало селце „од претпазливост се евакуирани за да се спречи паника“, но биле загрозени од огнот, објави командата на спасувачката операција Фаро за локалните медиуми.

Пожарот се шири на два фронта во тешкопристапен терен помогнат од ветрот, се додава во соопштението во кое се истакнува и дека пожарникарите „успешно се борат“ со огнот. Огнот избувна во околината на Монхике, горски синџир, кој е највисоката точка на туристичкиот регион Алгарве, на југот од земјата.

Кон средината на попладнето во петокот во Португалија, некои од жариштата се речиси совладани, а во нивното гаснење учествувале речиси илјада луѓе и петнаесетина авиони и хеликоптери, објави службата за цивилна заштита.

Португалија од средата е во состојба на највисока приправност. Службите за цивилна заштита распоредија голем број лица поради приближувањето на топлотниот бран на којшто земјата ќе биде изложена од недела, за да не се повторат страшните пожари коишто минатата година одземаа најмалку 114 животи.

Португалија во четвртокот забележа температурен рекорд, во Мора на југот од земјата беа измерени 45,7 Целзиусови степени, се наведува во најновиот извештај на Португалскиот институт за море и атмосфера – IPMA.