Во неделата во главниот град Багдад и на југот од Ирак се собраа илјадници демонстранти и покрај насилствата во коишто во текот на последните два месеца смртно настрадале повеќе од 450 луѓе.
На багдадскиот плоштад Тахрир, центарот на протестите против корупцијата на политичките елити и сиромаштијата, демонстрантите повикуваат на избор на нови власти во Ирак, а агенциите јавуваат за нивна голема бројност. Во петокот во близина на овој плоштад во напад на вооружени мажи убиени беа 20 демонстранти и четворица полицајци.
„Настојуваат да нѐ заплашат на разни начини, но ние остануваме на Тахрир. Напроти, нѐ има сѐ повеќе“, изјавила за AFP двесет и тригодишната демонстрантка Ајша.
Во Насирија, голем град на ирачкиот југ, каде што пред десетина дена имаше десетици жртви на протестите, демонстрантите се собрале на централниот градски плоштад, а им се придружиле и претсравници на влијателните јужни племиња. Тие ветуваат продолжување на протестите до падот на власта, иако премеирот Адел Абдел Махди на крајот од ноември поднесе оставка.
Илјадници луѓе протестираат и во градовите ал-Хила, Амар, Диванија, Ката и Наџаф. Од започнување на првиот протест на 1-ви октомври, во Ирак секојдневно се протестира, а насилствата не престануваат.
Според извештајот на AFP, врз основа на болничките и полициските извештаи, досега во протестите се убиени 452 лица, а повредени се околу 20.000, повеќето демонстранти.