Владата предводена од премиерот Никола Груевски во периодот од неполни девет години има инвестирано над 50 милиони евра за изградба и темелна реконструкција на училишта во целата држава.
Како што прецизира премиерот Груевски денеска во одговорот на новинарско прашање по посетата ОУ„Браќа Миладиновци“ и амбулантата во Миладиновци, општина Илинден, во целата држава за изградба на 74 нови училишта се инвестирани над 20 милиони евра, а за извршена темелна реконструкција на 350 постојни училишта инвестирани се околу 30 милиони евра.
Од почетокот на летото минатата година досега целосно е завршена изградбата на 10 нови училишта и доградба на други две училишта. Во моментот се работи на доградба на други две училишта во „Ѓорче Петров“ и во Сливник-Велес кои ќе бидат заокружени до крајот на календарската година, со што бројката ќе достигне 74 новоизградени, изјави Груевски.
Тој истакна дека никогаш досега немало толку многу инвестиции во градба на нови и реконструкција на постојните училишта во државата, како што тоа го прави оваа Влада изминатите години.