Над 70 пријави од измамени граѓани од руско-српската компанија Нефа

Во пазарниот инспекторат пристигнале над 70 пријави од граѓани кои биле измамени од компанијата Нефа Мебел, објави Алсат-М. Инспектори за Алсат велат дека бројот на пријави расте. Министерот за економија Крешник Бектеши најавува дека по разгледувањето на случајот ќе се преземаат конкретни мерки против компанијата кој оштети стотици граѓани.

„За случајот со компанијата за мебел разговарав со директорот на пазарниот инспекторат. Сега се доставени неколку пријави од граѓани. Ние согласно законите ќе преземеме мерки веднаш откако ќе се обработат предметите“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.

Од Финансиската полициија информираат дека е отворена предистражна постапка и се собираат информации за управителот на фирмата и за законскиот претставник. Рускиот инвеститор, Андреј Ходашевич вети дека како сопственик на холдингот ќе обезбеди буџет за враќање на парите и оти до 31 мај ќе ги уплати на сметката на српската компанија за да им се вратат парите на луѓето кои платиле, а не добиле мебел, но и за плати на вработените.