Над 70 загинати во циклонот Ампхан во Индија

Бројот на загинатите во индиската сојузна држава Западен Бенгал како последица на налетот на моќниот тајфун Ампхан, кој во средата попладнето го погоди брегот на Индија и беснееше неколку часа, достигна 72 лица, пренесува во четвртокот телевизијата NDTV, повикувајќи се на податоците од локалните власти.

Претходно во четвртокот весникот Hindustan Times ги пренесе прелиминарните податоци за 12 загинати во Западен Бенгал, како и две жртви во источната индиска држава Одиша и седум загинати во Бангладеш.

Како што изјавила за новинарите главната министерка на Западен Бенгал, Мамата Банерџи, степенот на разурнувањата предизвикани од циклонот се „невидени“. Истакнала дека влијанието на Ампхан било попогубно за државата отколку епидемијата на коронавиорусот, и додала дека ќе побара од индискиот премиер Нарендра Моди да ја посети оваа сојузна држава.

Пред налетот на невремето, властите на индиските земји Западен Бенгал и Одиша евакуирале околу 450.000 луѓе од крајбрежните области подлабоко во копното, а повеќе од два милиона луѓе беа евакуирани во Бангладеш.

Циклонот Ампхан (индиска транскрипција од тајландскиот назив Ам-Пан, односно „Небеса“) се создаде минатата седмица во Бенгалскиот залив. Просечната брзина на ветровите во циклотно изнесувале од 155 до 165 километри на час, а повремено и до 190 километри на час.