Над 80.000 евра имало собрано во „колективниот фонд“ на СЈО

Повеќе од 80.000 евра биле собрани од вработените во Специјалното јавно обвинителство во т.н. „колективен фонд“. Обвинителите од СЈО, за контото на овој фонд давале по 3.000 денари, а останатите 110 вработени биле задолжени да даваат по 1.000 денари. Овие „донации“ вработените ги плаќале во период од 3 години, објави МКД.

Парите, требало да бидат наменети за свадби, за раѓање деца, за хуманитарни цели, за болести… Но некои од вработените добиле од овие пари, а некои од нив, иако требало, како што претходно било договорено, не добиле ниту денар од нив. Собраните средства биле под контрола на Катица Јанева.

Според извори на порталот, дел од овие пари ѝ бил даден на една вработена за болест на роднина, како и на ќерка на вработена за свадба… Но немале сите подеднакво право на „колективниот фонд“.

Освен овие пари, вработените во СЈО за родендените на тогашната шефица, Јанева, како и за годишнините од институцијата со која таа раководеше, собирале по плус 2.000 денари. За подароците на Јанева биле собирани околу 4.000 евра, објави МКД.

Според последните информации што беа објавени во медиумите, Јанева испратила писмо до СЈО со кое бара овие пари таа да ги искористи за да ја плати одбраната во случајот „Рекет“.