Над 800 ученици во Аеродром добија бесплатни таблети

Денеска во основното училиште „Блаже Конески“ започна со реализација проектот за доделување на бесплатните таблети во чии рамки повеќе од 800 четвртодделенци од Општина Аеродром ќе добијат бесплатни таблети.

Градоначалникот Тимчо Муцунски коj присуствуваше на доделување на таблетите потенцираше дека станува збор за проект кој ќе го олесни и унапреди образовниот процес. Станува збор за таблети од реномираниот производител „Амазон“ чија вкупна вредност изнесува над 5 милиони денари. Средствата за оваа намена се целосно обезбедени од буџетот на Општина Аеродром.

„Ставајќи ја во прв план важноста на дигитализацијата во образовниот процесот, а имајќи предвид дека учениците се уште немаат добиени учебници од Владата и Министерството за образование и наука, Општина Аеродром донесе одлука проектот да започне да се реализира веднаш и истиот да продолжи и во следните години. Денешниот настан, но и активностите кои ќе се реализираат во останатите училишта се уште еден доказ дека цврсто стоиме на своите заложби за обезбедување модерен и современ образовен процес во кој дигиталните алатки ќе бидат подостапни до учениците“, потенцираше градоначалникот Тимчо Муцунски.

Проектите кои Општина Аеродром ги реализира во образованието се една нова насока, која подразира современ, модерен и технолошки процес во кој главниот фокус е ставен на обезбедување подобри услови за учениците. Сите училишта на територијата на Општина Аеродром беа опремени со смарт-табли, на крововите беа поставени фотоволтаици, а од денеска секое дете добива и бесплатен таблет. Заврши целосната реконструкција на ООУ „Димитар Македонски“, „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче почна со проектот за надградба на капацитетите, а ООУ „Блаже Конески“ доби нова фасада и проект за доградба. Реконструирани беа внатрешните делови од ООУ „Љубен Лапе“ и „Лазо Ангеловски“, додека пак „Браќа Миладиновци“ ја добива првата училница на отворено, нов современ спортски терен, како и почеток на процесот за негова модернизација. Во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ беше направен најголемиот Велодром во Скопје, како и нови терени за фудбал и кошарка.