
Во Унгарија во саботата се потврдени 916 нови случаи на заразата со новиот коронавирус, најмногу од почетокот на пандемијата, додека учениците се враќаат во училиштата.
Иако расте бројот на короинфекциите, на болеста Covid-19 во Унгарија ѝ подлегнуваат релативно мал број пациенти. Само два повозрасни пациенти со хронични заболувања починале од компликации поврзани со коронавирусот во изминатите 24 часа.
Владиното тело за справување со епидемијата на коронвирусот објави дека во земјата во моментов има 7.134 активни случаи. Од почетокот на епидемијата коронавирусот е потврден кај 11.825 Унгарци, а починале 633 лица.
Премиерот Виктор Орбан, кој присустуваше на состанокот на споменатото телото претходно во саботата, изјави дека училиштата остануваат отворени и дека животот мора да продолжи. Додаде дека граѓаните мора да ги почитуваат правилата за сузбивање на пандемијата, како што е задолжителното носење маски во јавниот сообраќај.
„Здравствениот систем е подготвен да управува со новиот бран на пандемијата, со повеќе од 10.000 слободни кревети. Мораме да управуваме со училиштата. Од 1-ви октомври, исто така, ќе воведеме задолжително мерење на телесната температурата на влегување во училиштата“, рече Орбан.
Премиерот додаде и дека владата ќе воведе горна граница за цената на тестовите за коронавирусот. Во приватните клиники во Унгарија, имено, тестирањето на коронавирусот чини до 100 евра, а бесплатно е во установите на јавното здравство, па поради тоа и потешко се доаѓа до него.
„Унгарија мора да ги заштити своите граѓани, вклучително најзагрозените, односно повозрасните, но економијата не смее да згасне“, повтори Орбан.