![bremenost](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/11/bremenost.png?resize=540%2C300&ssl=1)
Во изминатите шест месеци откако функционира официјалната Facebook страна на Министерството за здравство – Здрава бременост, над 900 жени побараа медицински совет или консултација за текот на бременоста и сите добија соодветен стручен одговор од доктор-специјалист.
Како што соопштуваат од Министерството за здравство, на дневна основа, по еден доктор-специјалист одговара на прашањата кои биле поставени во текот на денот. За таа цел, ангажирани се вкупно 30 доктори од неколку јавни здравствени установи, меѓу кои: Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, како и Заводот за здравствена заштита на мајки и деца.
Станува збор за доктори-специјалисти во областа на гинекологија и акушерство, анестезиологија, како и специјалисти од областа на педијатрија кои споделуваат стручни совети за грижа и нега на новороденчињата, со што соодветно се опфатени периодот на бременоста и постпородилниот период.
Прашањата се поставуваат во приватна порака на Facebook страната, одговорот се добива, исто така, во приватна порака, а одговорите на најчесто поставуваните прашања се споделуваат јавно (без објавување на лицето што го поставило прашањето), со цел информирање на пошироката јавност за најчестите прашања за бременоста или постпородилниот период, како што се: прашања за исхраната во текот на бременоста, во која недела од бременоста кои прегледи/скрининзи треба да се извршат, физичка активност за време на бременоста, совети за доење и нега на новороденчињата, и сл.
Со овој проект се овозможува споделување корисни медицински совети и стручни консултации преку директна и непосредна комуникација со докторите-специјалисти, со единствена цел заштита на здравјето на мајката и детето.