Повеќе од дваесет луѓе се убиени во средата во центарот на авганистанската престолнина Кабул, откако бомбаш самоубиец се разнел пред Министерството за надворешни работи, пренесува локалниот весник Hasht-e Subh.
Според соговорниците на весникот „најмалку 21 лице загина, а уште 25 се ранети“.
Ахмадула Мутаки, заменик на шефот на премиерот на привремената талибанска влада, на својот профил на Twitter истакнува дека бомбаш-самоубиец се обидел да влезе во Министерството за надворешни работи.
Според Мутаки, напаѓачот бил откриен од стражарите на влезот во зградата, по што го активирале експлозивот прицврстен на неговото тело. Притоа, загинале најмалку тројца припадници на талибанското движење, додава.
Експлозијата одекнала околу 16 часот по локални време, изјавил портпаролот на кабулската полиција Калид Задран, додавајќи дека истрагата е во тек.
Министерството за надворешни работи се наоѓа во близина на Министерството за култура и информации, во добро обезбедуваниот дел на Кабул, опкружен со бројни контролни пунктови. Во истата улица се наоѓаат и други владини згради, како и амбасадите на Кина и на Турција.
Талибанската власт се соочува со нападите од припадниците на ултраекстремната сунитска групација Исламска држава (на Корасан), чиишто цели најчесто се странски претставништва и други објекти, а најчесто припадниците на шиитското малцинство. Во изминатиот период цели на напади беа амбасадата на Русија и хотелот во кој отседнуваат кинески деловни луѓе. Двете земји не ја признаа талибанската влада, но контактираат со талибанската привремена влада.
Русија иако водеше војна со нив како СССР во 1980-те во изминатите години беше еден од покровителите на тајните меѓуавганистанските преговори, кои завршија со примирје под покровителство на САД во катарска Доха, во периодот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, што вклучуваше и по 20 години повлекување на сојузничките војски од Авганистан. Неговиот демократски наследник на должноста Џо Бајден го спроведе повлекувањето на 15-ти август 2021 година, но тоа беше силно критикувано поради хаотичното изведување, по што талибаните без борба се вратија на власт во Кабул.