Над илјада украински војници загинале а 800 се предале кај Лисичанск

Загубите на Вооружените сили на Украина кај Лисичанск, последниот град кој силите на Киев го држат под контрола на административната граница со одметнатиот проруски регион Луганск, како и на потегот меѓу местата Горское и Золотое, изнесуваат повеќе од илјада загинати и околу 800 војници кои се предале, пренесува во петокот агенцијата ТАСС повикувајќи се на извор од сепаратистичките сили во самопрогласената Народна Република Луганск,

„Загубите на украинските војски во последните неколку дена кај Лисичанск, во Горскиое и Золотое, се над илјада загинати.  Заробени се повеќе од 800, меѓу нив многумина се ранети“, рекол неименуваниот соговорник на агенцијата.

Претходно офицерот на луганските сепаратисти Андреј Марочко, на својот Telegram канал објави дека тамошните проруски единици и руските војски ја преземале контролата врз населените места Горское и Золотое, и според него, украинската борбена група на овој потег била целосно ликвидирана.

Според соговорникот на ТАСС, здружените сили на проруските сепаратисти и руската војска влегле во западното предградие на Лисичанск.

Овој град е последната линија на отпорот на украинската војска на административната граница на Донбас, кои се цели на моменталната руска офанзива, пред превратот во Киев и граѓанската војна во 2014 година.

Претходно, именуваниот од Киев гувернер на воено-цивилната управа на Луганск, Серхиј Гајдај објави дека украинската армија ја изгубила контролата над селото Николаевка, јужно од градот Лисичанск, близу стратешки важниот за Артемовск.

Гајдај, исто така, претходно во петокот објави дека украинските единици во споменатата област добиле наредба да се повлечат од Северодоњецк, соседниот град на Лисичанск, за кој сепаратистите тврдат дека го контролираат веќе два дена.

„Украинските вооружени сили ќе мора да се повлечат од Северодоњецк. Примија таква наредба“, објави на Telegram каналот Серхиј Гајдај кој во четвртокот вечерта за националната телевизија изјави дека украинските сили веројатно ќе мора да се повлечат од соседниот Лисичанск за да го избегнат опколувањето.

 

Две илјади украински борци блокирани

Во петокот руското министерство за одбрана соопшти дека руските трупи во ткн „Горски котел“ во Луганската област опколиле украинска формација од 2.000 украински борци, составен од регуларни војници, припадници на крајно десничкарското движење Десен сектор и странски платеници.

Прецизирајќи ги единиците на украинските баталјони и бригади кои се наоѓаат во опколување, на брифингот во руското министерство за одбрана дополниле дека станува збор за до 1.800 војници, 120 борци на Десен сектор и 80 странски платеници, со повеќе од 40 оклопни борбени возила и 80 единици тешко вооружување.

„Само последните 24 часа во оваа област се откажаа од пружање отпор и доброволно се предадоа 41 војник“, додаваат од Москва.

Според руското министерство за одбрана, опколените украински формации се исцрпени, откако останале со помалку од 40 отсто од личниот состав на единиците, дека командата не можела да води со нивните дејствувања на теренот, како и дека било целосно прекинато снабдувањето со оружје, муниција и гориво.

Истиот извор наведува и дека руските сили го стеснуваат обрачот околу планинската област со континуирано дејствување врз позициите на непријателот.