Над половина милион евра за одбележување на државните празници и за Рамковниот договор

Над половина милион евра ќе чини одбележувањето на државните празници и прославата на годишнината од Рамковниот договор.Тендерите ги добија две фирми, на јавни набавки на кои немале конкуренција, пишува Доче Веле.

Тетовската фирма „Арбериа дизајн“ повторно ќе ја организира годишнината од Рамковниот договор, за што е задолжено Министерството за политички систем, на чие чело е вицепремиерот од редовите на ДУИ, Артан Груби.

Фирмата „Скопје Филм Студио“, пак, е задолжена да ги организира прославите за останатите државни празници, како и за настан од Отворен Балкан, за што Владата ќе треба да плати околу половина милион евра.

 

За четири државни празници – 350 илјади евра

Според договорите коишто се објавени на Бирото за јавни набавки, станува збор за активности поврзани со празниците 2 Август – Денот на Републиката, Илинден, 8 Септември – Денот на независноста, 11 Октомври – Денот на народното востание и 8 Декември – Ден на Св. Климент Охридски.

„Скопје Филм Студио“ ќе треба да „осмисли и реализира активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настани за одбележување“ на овие четири празници, за што ќе ѝ бидат исплатени околу 350.000 евра. За осмислување и реализација на активности кои ќе обезбедат креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настан – Отворен Балкан се планирани околу 150.000 евра.

Договорите се склучени во јули, а се на сила до крајот на годината. Како критериум за доделување на договорот се наведува најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот. Највисока добиена понуда била 19.991.554 денари, додека најниска добиена понуда е 9.999.224 денари.

 

Стихотворби и спотови за Рамковниот договор

Што се однесува до договорот со „Арбериа дизајн“, фирмата за 100 илјади евра ќе треба да ја организира манифестацијата по повод 22-годишнината од Рамковниот договор. Покрај хотелски, кетеринг и други услуги, на тетовската фирма ќе ѝ бидат исплатени 300 илјади денари за концепт за организирање на настанот, како и 290 илјади денари за стихотворба од реномиран поет, музички аранжман и аудио запис на песна по повод годишнината. За продукција на спот за песната се предвидени околу 4.000 евра. Додека продукцијата на аудио-визулен спот за постигнувањата на Охридскиот договор ќе чини околу 6.000 евра.

 

Само еден понудувач

Како критериум за избор се наведува најниската цена. И во овој тендер имало само еден понудувач. Ова е еден од најголемите пробеми на коишто посочуваат експертите. Дури секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма.

Според анализите на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), станува збор за 9.305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари (427 милиони евра). Просечно лани имало по три понуди на тендер, што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021 година.

„Арбериа дизајн“ ја организираше и минатогодишната прослава за годишнината од Рамковниот договор. Фирмата беше еден од најголемите добавувачи на Министерството за образование за печатење на свидетелствата.

„Скопје Филм Студио“ лани го доби и тендерот за „креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настан за одбележување на Денот на независноста, 8-ми Септември“.