Над половината Австралијци се против домородечкиот комитет во уставот

Повеќе од половината Австралијци би одбиле вклучување на советодавна комисија на домородното население во уставот на земјата, покажа анкетата објавена во понеделникот, во периодот кога владата се бори да ја зајакне поддршката за овој значаен предлог пред гласањето за околу шест седмици.

Анкетата спроведена за австралиски медиуми покажала дека поддршката за Глас за парламентот, комитет на староседелците кој го советува парламентот за прашања кои се однесуваат на оваа заедница, продолжува да се лизга и само 38 отсто од гласачите имаат намера да го поддржат, додека 53 отсто ќе бидат против.

Австралија е пред шестнеделната кампања пред гласањето на референдумот на 14-ти октомври, кога ќе биде поставено прашањето дали избирачите ја поддржуваат измената на уставот за да се воспостави домородечкиот комитет кој ќе го советува федералниот парламент.

За успешен референдум во смисла на промена на уставот, потребно е мнозинство гласови на национално ниво, како и мнозинство гласови во најмалку четири од шесте држави. Од прогласувањето на австралиската независност во 1901 година, одобрени се само осум од 44 предлози за уставни измени.

Лабуристичката влада од левиот центар е под притисокот да ги подобри своите пораки среде постојаниот пад на поддршката за референдумот во анкетите.

Анкетата, исто така, покажала дека поддршката за премиерот Ентони Албанезе, кој вложи значителен политички капитал во референдумот, паднала првпат откако минатата година стана шеф на австралиската влада.