![Donald Trump](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/06/donald-tramp.jpg?resize=696%2C443&ssl=1)
Повеќе од половината американски гласачи не сакаат поведување на постапката за импичмент на претседателот Доналд Трамп, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од Универзитетот Квинипек.
Според анкетата, 60 отсто од американските избирачи сметаат дека Конгресот не треба да ја иницира процедурата за импичмент против Трамп. Поддршка за импичментот, пак, дале мнозинство од испитаниците демократи – 61 отсто и црните гласачи – 66 отсто.
Во истражувањето се истакнува дека 51 отсто од испитаниците го сметаат претседателот Трамп за расист. Меѓу афро и хиспаноамериканските гласачи, ваквиот став е поддржан од 80 односно од 55 отсто од анкетираните. Наспроти тоа, 50 проценти од белите гласачи не сметаат дека американскиот челник е расист.
Покрај тоа, повеќе од 70 отсто од гласачите во САД се „крајно“ или „до одреден степен“ загрижени дека влада на странска држава може да се обиде да се вмеша во претседателските избори кои ќе се одржат следната 2020 година.
Анкетата била спроведена во периодот од 25-ти до 28-ми јули и со неа биле опфатени 1.306 регистрирани гласачи. Можната статистичка грешка е 3,4 процентни поени.