Над половината од граѓаните сметаат дека Владата не прави доволно во клучните сфери

Мнозинството македонски граѓани не се задоволни и од мерките коишто ги презема Владата во сферите на здравството, образованието и економијата,. ппокаќуваат резултатите од испитувањето на јавното мнение кои во петокот ги објави Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) во рамки на Програмата за парламентарна поддршка.

Дел од ситражувањето е посветено на темата дали граѓаните се задоволни со мерките коишто ги презема Владата за справување со кризата, на што мнозинството (53 отсто) смета дека власта не прави доволно за да ја адресира состојбата со здравството, економијата и образованието.

Педесет отсто од граѓаните, пак, одговориле дека би се вакцинирале, а 34 отсто одговориле дека не би се вакцинирале. Сè уште се двоумат 16 проценти од испитаниците.

Најголем дел од граѓаните (39 отсто) ја преферираат вакцината на „Pfizer/BioNTech“, додека втора по ред е вакцината „Спутник V“ (21 отсто). Малку претпочитани се вакцините на „Sinopharm“, за кои се одлучиле 6 отсто од граѓаните, потоа е „Moderna“ со 5 проценти, додека најмалку претпочитана вакцина е „AstraZeneca“, која ја претпочитаат само 3 отсто од граѓаните, а  27 проценти од граѓаните, пак, не знаат или немаат одговор за тоа за која вакцина би се одлучиле.

Овие прашања се поставени со цел, како што велат од Институтот за демократија,  да ги информираат пратениците и креаторите на политиките за тоа што граѓаните мислат за вакцинација и дали се задоволни од мерките.

Прашањата биле дел од теренската анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас цивилис“ ја спроведе во периодот од 17-ти февруари до 10-ти март 2021 година на примерок од 1.010 испитаници, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.