Шпанскиот тенисер Рафаел Надал е првиот финалист на Австралија Опен, откако во полуфиналето го победи Матео Беретини со 3-1 во сетови (6-3, 6-2, 3-6, 6-3) за речиси три часа. Италијанецот немаше сили да се спротивстави, освои еден сет и му го препушти местото во финалето на „бикот од Мајорка“.
Во првиот сет одлучуваше единствениот брејк при првиот сервис на Беретини, по кој со сигурна игра Надал дојде до водство (6-3). Шпанецот тргна фуриозно и во вториот сет, поведе со 4-0 со што само најави дека ќе ја продлабочи предноста и со 6-2 го потврди тоа.
Беретини одигра навистина сигурно во третиот сегмент кој му припадна нему. Со еден освоен гем на противнички сервис, Италијанецот со 6-3 се врати во мечот. Сепак, четвртиот се покажа како одлучувачки сет, бидејќи двајцата играа сигурно сè додека Надал не направи брејк, по кој ја искористи првата меч-топка и со 6-3 дојде до победата.
Надал има историска шанса да стане тенисер со најмногу Грен слем трофеи во историјата, бидејќи сега е израмнет со Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер со по дваесет. Сепак, јасно е дека шпанскиот ас нема да има лесна задача против подобриот од дуелот меѓу Данил Медведев и Стефанос Циципас.