Надал по повредата на коленото го предаде мечот против Дел Потро

Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин дел Потро се пласираше во финалето на УС Опен откако Рафаел Надал го предаде мечот од полуфиналето поради повреда на коленото при водство на Аргентинецот од 2:0 во сетови.

Во првиот сет се играше тај-брејк, два пати во текот на сетот Надал го загуби својот сервис, но веднаш во следниот гем го враќаше брејкот, па во решавачката игра аргентинскиот тенисер беше посмирен и славеше со 7:3.
Во вториот сет стана јасно дека Надал има големи проблеми со коленото, па на почетокот на вториот гем мораше да побара медицински тајмаут на кој му го бандажираа коленото. Аргентинецот искористи што Надал не го покриваше теренот како што треба и оствари водство од 2:0, кое го зголеми до крајот на 6:2.
По завршување на сетот Шпанецот му рече на судијата дека нема да биде во можност да го доигра мечот.

За Дел Потро ова е негово второ финале на УС Опен, единствениот Гренд слем кој го има освоено во кариерата и тоа во 2009 година.

Ќе биде тешко со Новак, бидејќи сме навистина добри пријатели. И двајцата сакаме да победиме. Новак дојде на турнирот како шампион на Вимблдон, добро одигра и ќе биде фаворит во недела. Иако не знам. Играв пред девет години против Федерер, кој исто така беше фаворит. Ќе се обидам повторно да изненадам, изјави Дел Потро.