Во текот на ноќта екипите на зимската служба интервенираат низ градските сообраќајници и на критичните точки, односно на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и високите зони кон Водно, Пржино, Железара, како и на сите други таканаречени „црни точки“ во градот.
Вчеравечер пунктот на ЈП „Улици и патишта“ во Кисела Вода го посети градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски кој ја координираше работата на екипите на зимската служба.
Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.
-Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти, велат од Град Скопје.
ЈП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.