Продолжува со висок интензитет пожарот кај Пустец поради ширење на пламените јазици во повеќе правци. Тие се проширија толку многу што излегоа од контрола и се во опасност да се приближат до граничниот премин „Горица” и до селото Горна Горица, јавија албански медиуми.
Опожарената површина надминува 150 хектари вегетација. Ветерот го шири пожарот и во правец кон Поградец долж Сува Планина.
– Локалните структури од Пустец, Корча и други околни општини, армиски и полициски сили без прекин работат на изолирање на огништето на пожарот, но поради тешко пристапниот терен тоа е тешко. Најавена е интервенција со два хеликоптери, бидејќи тоа е единствена алтернатива, додаваат медиумите.
Според Министерството за одбрана на Албанија состојбата со пожарите во земјава е загрижувачка бидејќи пожари има од југот до северот на земјата. Вчера идентификувани биле 47 пожари, а од нив 36 се изгаснати или ставени под контрола, додека 11 со големи размери сеуште се активни.