АНАЛИЗА: Нафта – финансискиот залог на ирачките џихадисти

Рафинериjaта во ирачкиот град Бајџи е голем плен за групата џихадисти „Исламска држава во Ирак и Леванта“, која сака да создаде нова држава на териториите на Сирија и на Ирак. Нафтата, пак, е главен извор и на финансиите на оваа организација и на формите на притисок и уцени, анализира францускиот весник „Ле’Експрес“, пренесува Нетпрес.

Рафинеријата во Бајџи произведува по околу 600.000 барели нафта на ден и има капацитет да ги покрие потребите на дури половината од населението. Групата, особено многу се интересира за резервите, објаснува Пиер Терзиан, директор на „Петростратегии“.

„Мобилните сили имаат голема потреба од гориво, па така за нив е круцијално важно да стават рака токму на тие недопрени резерви“, вели тој.

За време на борбите за освојување на рафинеријата, регионот веднаш беше погоден од недостиг на горива. Нафтата и горивата се покажа дека се и средство за уцени и притисок и средство за финансирање.

„Исламска држава во Ирак и Леванта“ контролира и дел од нафтоводот Југ/Север во Ирак, како и неколку нафтени извори во Сирија, поточно во регионот на Деир Езор и Рака. Продажбата на суровината на црниот пазар би донела чиста заработка од околу осум милиони американски долари месечно.

Превземањето на Мосул, на почетокот на месецов, е всушност одлична придобивка, бидејќи со тој потег оваа исламистичка организација всушност стави своја рака на 430 милиони американски долари. Тој финансиски благодет, пак, веднаш и овозможи лесно да дојде до американско оружје, муниција, возила и шест борбени хеликоптери.

Грабежите, како и киднапирањата за кои се бара откуп, се одобрени со религиозни декрети, кои ги издаваат верските водачи на групата. Токму затоа се многу чести грабнувањата во северен Ирак.

Организацијата добива помош и од фондови, основани во земји од Персискиот залив. Саудиска Арабија често е посочувана како еден од покрупните спонзори на „Исламска држава во Ирак и Леванта“, но засега тоа не е докажано. Кралството поддржува и групи на џихадисти во Сирија.

Тие донации достигнуваат десетици милиони американски долари годишно, а според некои аналитичари, како последица од многу гласната кампања на групата на социјалните мрежи, многу веројатно е дека протокот на донациите може да се пренасочи од сириската ќелија на „Ал Каеда“ – „Фронт ан Нусра“, кон „Исламска држава во Ирак и Леванта“.